Самоуправната интересната заедница на „македонските“ ИКТ компании МАСИТ, повикува да се поништи ова, и да се поништи она.

Закрепостените феудални „селани“ ја повикуваат владата да ги врати назад постапките за набавка на 100.000 компјутери и лиценците за вајмакс технологија. Да разгледаме зошто:

  • Дека ниедна фирма која е членка на МАСИТ не добила дел од колачот?
  • Дека не се способни да ги предвидат чекорите на најголемиот потрошувач во државата?
  • Дека не можат да ги усогласат своите развојни и деловни планови со новата стратегија на македонската Влада на оттргнување од магичниот круг на пертетуелно лиценцирање со Microsoft?
  • Дека сакаат пазарот кој очигледно се менува да се приспособи на нив, наместо тие нему?

Вашите потези најмалку имаат оправдана екомонска логика, се ставате во директна колизија со најголемиот потрошувач во државата и наместо да си ги прилагодите деловните планови, сенешто барате поништување на ова или на она, и барате безобразен државен интервенционизам во ваша полза.

Ај пораснете, заврши ерата на петолетките, ви треба здрав деловен план, нова модерна развојна стратегија што подразбира работа, поддршка и специјализација на слободен софтвер, интероперабилни софтверски и хардверски решенија и употреба на отворени стандарди, се останато очигледно ви е крик во пустина кој никој нема да ви го чуе.

Ако сакате да останете со Microsoft, очигледно треба да си најдете друг пазар. Потребата за такви услуги драстично ќе се намалува. Тоа треба да се предвиди и искористи, само така функционира здрав и конкурентен македонски ИКТ пазар.

Имате шанса да се сертифицирате за ISO, да создадете конзорциум и на следниот тендер да понудите решенија со слободен софтвер, така цената ќе ви падне а поголем дел од колачот ќе остане за вас. Впрочем овде ќе престанам да ви делам бесплатни совети, како што знаете нема нешто што се вика бесплатен ручек, и ќе го завршам ова писмо.


10 Responses to “Отворено писмо до МАСИТ: Играчки плачки”  

  1. 1 gemidjy

    Ова го испрати до МАСИТ?

    Мислам дека е закон!

  2. 2 GoodBytes

    Во принцип, работата се сведува на мрчење бидејќи не добиле дел од колачот. Во Македонија има неколку фирми кои постојано ги добиваат сите милионски тендери за (најчесто нерационални) набавки. Најверојатно се работи за навика, не само кај ИТ компаниите туку и кај други, кои македонскиот буџет си го молзат долго и јако, небаре се бегови а Македонија е нивен вилает.

  3. 3 Ванчо

    Веднаш, на почеток: не ми е намера да го оправдувам МАСИТ, ниту да ги коментирам нивните потези. Но, иако, можеби, поттикната од сосема погрешни причини, жалбата е неопходна.

    Еве го моето мислење зошто:
    Кога една влада – било која, а особено оваа, на нашава заостаната Македонија, троши близу до 30 милиони евра на ИТ, добро би било „дел од колачот“ да го добијат и домашните фирми. Тоа би дало нов поттик за развој, за воведување на отворен софтвер и за „интероперабилни софтверски и хардверски решенија и употреба на отворени стандарди“. Без пари нема ништо, па ни слободен софтвер (колку тоа да звучи парадоксално). Делот од парите кои нема да отидат директно кај Кинезите, добро е да бидат поделени меѓу домашните форми за подготовка на инсталациите, умрежување, одржување, итн. И тоа регионално. Да се турат по малку пари и во Пробиштип, и во Дебар, и во Ресен, и во Кратово.
    Сомнителна е секоја зделка во која нагло, од петни жили, сите министри од Владата се за итно проширување на буџетот, и тоа за – ни помалку ни повеќе – 8 мил. евра! Да не зборуваме за тоа дека ваквото менување на условите на тендерот post mortem е сосема спротивно на Законот за јавни набавки. Ова е доволна причина за барање на поништување.
    Само да потсетам, зделката ја доби кинеска фирма за производство на домашни апарати, во соработка со домашна фирма за монтажа на климатизери. Информатичарите, без оглед дали се за Мајкрософт или за отворен софтвер (а особено овие), повторно останаа со празни раце. Тоа што вие го правите во својот напис е ситење на туѓа невоља, а не објективен поглед на ситуацијата.

    Натаму, бидејќи тоа го нема во man pages, ќе ви кажам уште еден, економски закон, се учи на прва година на Економски факултет, предмет „Политичка економија“: Улогата на државата е да биде facilitator и enabler, а не на provider. Простете за англиските зборови, но мислам дека се разбираме.
    Значи, според тоа, улогата на македонската држава не треба да биде таа да дава стопански услуги на граѓаните, како што прави нашава Влада со отворањето на државни интернет-кафеа и државно финансирани обуки на граѓаните.
    Ако државата решила да го унапредува ИТ знаењето на граѓаните, тоа треба да го прави низ субсидирање и стимулирање на домашните компании. Така нема да му создава државна конкуренција на приватниот сектор и ќе овозможи тој да се развива (и, се надеваме, да употребува отворен софтвер).
    Ова го има уште само во Кина, Северна Кореја, Куба, а гледам, наскоро и во Венецуела.
    Една сертификација за ISO чини од 7 – 10.000 евра. Сертификацијата е потребна и за оние кои употребуваат отворен софтвер, не само за оние кои се врзани за Мајкрософт.

    Вашето гледање на работите е премногу наивно, да ми простите. Без врска со реалностите на македонскиот ИТ пазар.

  4. 4 kotle

    @Ванчо

    Јас отприлика гледам вака на ситуацијата

    1. Ако е повреден законот, тогаш оштетените имаат потполно право да се бунат и решавањето да го бараат употребувајќи ги сите правни лекови.

    2. Имплементирајќи слободен софтвер, Владата, или воопшто било кој имплементатор, го остава пазарот отворен за домашните претпријатија кои можат да понудат: 1. крајни решенија за имплементирање во рамката; 2. поддршка. Тој што губи на долг рок се proprietary vendor-ите, оние кои не нудат отворени интероперабилни решенија и домашните фирми кои тврдоглаво ќе се држат до своите партнери од кампот на неслободниот софтвер. Прифаќањето на слободен софтвер како рамка би овозможило поголем број на понудувачи од бројот на златни, сребрени или бронзени партнери што ги гледаме денес.

    3. Кога Владата на Р.М потпиша договор за стратешко партнерство со Microsoft, без некоја посебна анализа на потребите и оправданост – никој од МАСИТ (или оние што се сега во МАСИТ ако тогаш не постоел) не го коментираше тоа како нефер практика. Напротив, врзувањето со затворена платформа требаше да го најави бумот на информатички развој во Македонија. Напротив, од перспектива на општествотo, бумот на информатички развој го донесе drupal (инаку слободен софтвер) имплементиран во Блогерај на Он.нет, што е најживото нешто денес на Македонскиот интернет… не дека нема и други случаи — но сето тоа пак можам да не го поврзам со стратешкото партнерство на Владата и Микрософт. Тоа што тогаш го направи Владата беше избор на партнер наспроти избор на пазар.

    4. Која е разликата помеѓу субсидирање и финансирање? Сигурно не одат министрите да ги држат тие обуки, туку фирми се платени тоа да го направат. Ако субсидирање е давање на фирмите пари за да они си одлучат што да прават со нив, тогаш имам погрешно научено. Истовремено, колку јас сум разбрал – интернетот во кафулињата на Владата е бесплатен – така да нема стопанска дејност – значи аргументот за ова не држи. Можеш да аргументираш дали бесплатен интернет е добра работа… мене ми звучи добро.

    5. Сертификацијата е супер… се додека и покрај сертификатот некој не си ја завршува работата. Ако сакам да бидам безобразен можам да ти кажам дека iso сертификација се купува со минимум исполнување на потребни услови. Тоа што е важно на крајот е дали добро ќе си ги завршиш задачите кои ти се зададени. Без тоа, сертификатот е сината честичка во детергентот за перење… мислиш дека е нешто што е важно… ама во стварноста е само сина честичка.

  5. 5 Ванчо

    Своевремено, иако МАСИТ не се бунеше (тогаш не беше комора, туку само асоцијација), имаше протести – од организациите за промоција на слободен софтвер, па дури и од мојата маленкост (со серија на текстови во „Форум“ магазин). Огромна грешка на – сега многу гласниот – г-дин Јани Макрадули, тогашен de facto министер за ИТ (претседател на Комисијата за информатичка технологија при Владата – покој и’ на душа). Исто така, голем поддржувач на ова беше и г-ѓа Шеќеринска, која безуспешно се обидував да ја разубедам.
    Но, ИТ олигархијата си го стори своето и сега сите трпиме.

    Но, да се вратиме на сегашноста.
    Можеби не знаете, но дотичниот тендер беше базиран на Linux софтвер. Фала богу на некој да му текне барем за тоа, ако веќе немаме систематско и системско инсистирање на слободен софтвер (иако, во разговорите со министерот Ивановски, добив впечаток дека човекот е „наш“ – т.е. се залага за слободен софтвер).

    Иако, повторувам, не ми е намерата да го бранам МАСИТ (припаѓам на друга ИТ асоцијација – ИКТ комора при Сојузот на стопански комори на РМ), сепак се согласувам со дел од нивните забелешки. Тие можеби си имаат свои причини, но целта ни е иста – да се поништи Тендерот и да се смени политиката на сегашнава Влада во врска со ИТ индустријата.
    Морате да бидете свесни дека Стопанските комори, како алијанси на работодавачи заинтересирани за профит, не можат секогаш да бидат на иста линија со движењата како што е она за Слободен софтвер во Македонија. Профитот е моќен катализатор.
    Но, инпутот и подигањето на свеста мора да постои и од тие движења, кои досега малку имаат направено. Знам, нема пари. Но, на пример, јас побарав средби со претставниците на организацијата и не добив одговор. Има фирми во Македонија (почнувајќи од мојата) кои се расположени за соработка, па и финансирање. Понудата сеуште стои. Долгогодишната пиратерија и непочитување на авторски права во нашата држава, до под земја ја турнаа цената на софтверот и софтверските услуги кои ИКТ индустријата ги дава во Македонија. Свеста кај општата популација за вредноста на вложениот труд во создавање на некое парче софтвер или ИТ услуга е од клучно значење.

    Која е разликата помеѓу финансирање и субсидирање? Огромна.
    Кога се финансира нешто од страна на Владата, тогаш примачите на парите се избираат на конкурс. Значи не може секој да ги добие. И не треба, но ги знаете контроверзите околу уште еден тендер, за избор на фирми кои ќе обучуваат. Беа избрани фирми со сомнително педигре. Тоа значи дека оние кои вредат ќе имаат нелојална конкуренција, морајќи сами да се борат за своите купувачи, додека оние кои добиле пари од државата .. хм .. си имаат пари.
    Многу подобра пракса е да се воспостави сет на правила за субсидирање, со кој компаниите кои низ пазарна конкуренција, со својот квалитет (а без врски во Владата) ќе добиваат средства (или даночно олеснување, на пример) ќе ги привлечат купувачите кај себе. На тој начин се овозможуваат фер услови за сите, еднакво право на сите, па нека бенефицираат способните.

    Сертифицирање …
    Сертифицирањето, ако не сте знаеле, го прават странски сертификациони тела (TUV, BSS …) кои, верувајте, немаат милост. Секако дека сертификацијата не значи дека фирмата ќе си ја заврши работата, но сепак гарантира дека во таа компанија има воспоставени процедури за начинот на кој се работи, се контактира со купувачи, па дури и се справува со „заскитани“ проекти. Не е исто дали некоја фирма „знае“ (т.е. има процедури) како, например, да се одговори на барања за интервенција на начин кој ќе биде мерлив и под контрола – т.е. да се знае што и кога е побарано, кога и дали е одговорено и кој е одговорен.
    Сум поминал низ многу фирми и знам што значи добра организација, а стандардите секако помагаат во тоа – значи, не се само „сини честички“. Да не зборувам дека, особено странските партнери, имаат многу попријателски однос кон сертифицираните…
    Но, ако си превара, тогаш си превара, се разбира. Не ти помагаат ни ISO ни Хасо.

  6. 6 kotle

    Знам кој протестираше… јас го чекав Радман со транспарент „Слобода или Виндоуз“ пред Александар Палас ;-)

    Како и да е, не си ми баш јасен. Мислам… не го кажувам ова за да омаловажам иден аргумент, туку да те повикам поубаво да се објасниш.

    Што ми е думата? Од една страна велиш дека ИТ олигархијата победила кога Мајкрософт и стана партнер на Владата и притоа ги наброја Шеќеринска и Макрадули како експоненти на лобито. Тука се согласувам.

    Тоа што не ми е јасно е како да се смени политиката на (новата) Владата во однос на ИТ кога очигледно е дека таа политика не и одговара токму и на ИТ олигархијата. Од прва рака, тоа е добар знак за мене… тоа што не и одговара на олигархијата му одговара на обичниот граѓанин. Тоа пак е првата лекција од политички науки, што е пак моја специјалност. ;-) (овде пак не пробувам a priori да ја бранам новата Влада. јас по дефиниција сум параноик кога се работи за политичари – тоа ми е професионална деформација)

    Со ова не сакам да кажам дека целата ИТ индустрија во МК е олигархијата. Сигурен сум дека не е така. Можеби е потребно да се раздвојат претпријатијата кои на развојот на инфраструктурата за информациско општество глетаат како на пазарен предизвик од оние кои својот дел од колачот сакаат да го добијат како златни / сребрено / бронзени партнери на Големите партнери (знаеш на кои мислам). Со едните, се знае дека можат да се постигнат одлични решенија за иднината а за другите знаеме дека ќе користат валкани трикови.

    Јас пак сум нов во „Слободен софтвер Македонија“ (официјален акроним 2с.мк) но знам дека организацијата е отворена за соработка со луѓе кои сакаат да помогнат.

  7. 7 Ванчо

    Хм… Можеби не се согласуваме околу дефиницијата на „ИТ олигархија во Македонија“.
    Моето убедување е дека ИТ олигархијата не мора нужно да биде поврзана со Мајкрософт – Слободен софтвер – Неслободен софтвер.
    Не – тоа е повеќе политичко-економски феномен, каде што одредени ИТ компании се поврзани со структурите од власта и, како прво, учествуваат во сите државни зделки, а како второ, влијаат на власта таа да ја насочува ИТ индустријата во оваа или онаа насока. И, тоа функционира со било која власт и било која партија (што би рекле, интерфејсот им е универзален), затоа што нивните врски не се идеолошко-политички, туку, најпрво, корупциско-финансиски. Плус по некое политичко милениче на секоја власт (да не споменуваме имиња сега).
    И, за жал, тоа никогаш нема да се промени. Не се променило ни во вистински, функционални демократии, развиени земји, а камо ли кај нас. Олигархијата е зло кое доаѓа во пакет со секоја власт, нејзино грдо лице. Еден збор – „Халибартон“ – е доволен да го докаже ова.
    Што не значи дека треба мирно да го поднесуваме тоа.

    Понатаму, иако можеби јас сум избрал мојата компанија да користи отворен/слободен софтвер во своите решенија, често пати ИТ компаниите немаат избор или можност да го наметнат своето мислење/идеологија. Корисникот често пати е тој кој инсистира на, на пример, Мајкрософт, или Оракл, или …
    Исто така, се случува домашниот купувач да е дел од некоја интернационална компанија која ги наметнува своите услови (со цел да имаат унифицирана ИТ инфраструктура насекаде, заради интероперабилност и разменливост на податоците).
    Во пазарни услови, и во состојба на екстремно мал пазар, ИТ компаниите мораат да го прифатат барањето на купувачот, без оглед дали тоа им се допаѓа или не.
    Затоа што, ако не го прифатам јас тој услов, ќе го прифати некој друг, а Македонија нема бескрајно многу добри зделки.
    А плата мора да се подели, сметките мора да се платат, нема бесплатен ручек …
    Што да се прави – си ставаме гердан од нанижан лук околу вратот, ги кажуваме своите молитви и – пцуеме за цело време додека се заебаваме со MS SQL Server (дефинитивно најлошото парче софтвер на Мајкрософт), кој не работи со C#, и не е компатибилен со Windows XP. :-)
    Парадоксално, но со прифаќањето и на вакви зделки, всушност се финансира и промоцијата и употребата на ОСС.

    Е – тука доаѓаат организациите како што се „Слободен софтвер Македонија“ – нивната улога е едуцирање на јавноста, на општата публика, но и на компаниите. Со агресивен, про-активен пристап (многу маркетиншки звучи ова, но всушност овде и зборуваме за маркетинг), мора да се подигне свеста.
    „Слободен софтвер“ мора да соработува со властите во искоренувањето на пиратеријата и нудењето на алтернативни решенија.
    Но, мојот впечаток е дека досега „Слободен софтвер“ е прилично херметизирана и свртена кон само мал дел од популацијата: студенти (примарно на ЕТФ и ПМФ) и ентузијасти, на кои можеби и најмалку им треба убедување (или најбрзо ќе разберат за што се работи). Без навреда.

    Мора да се случи поврзување со други невладини организации, дури и со некои, кои на прв поглед не се директно „поврзливи“. На пример, за едукација или анти-корупција.
    Потребно е подобро менаџирање, знаење како да се допре до фондовите на меѓународните организации кои помагаат вакви движења, но и до фондовите на домашните субјекти (приватни и државни).
    Grass roots движење ќе ве однесе само донекаде, но не и до ситуација кога ќе имате вистинска моќ да влијаете на јавното мислење и да го менувате.
    Гледањето „црно-бело“ има уште помал ефект.

    Извинете, не мислев да ви држам лекции, само мислам дека треба да се подотворите малку.

    А што се однесува до соработката со ИТ комората на Македонија (чиј сум претседател), можеме да ја започнеме веднаш (vordan „ат“ iкт.сом.мк).

  8. 8 GoodBytes

    И на крај од долгава преписка која и не беше за цело време врзана за конкретната тема (оправданоста на изборот на Владата), пак останува да виси горчливиот заклучок дека некои луѓе и фирми се навикнати да добиваат милионски тендери за нерационални набавки и дека ова сега е обид да се заштитат од паѓањето во пазарните води токму под маската на пазарните механизми.

    Ако единствено спорно тука е промената на тендерските услови, фирмите имаат право да тужат и ќе добијат поништување на тендерите. Но, дури и со повторен тендер, дури и со сите аргументи и загриженост за ИТ индустријата во МК, не може да се побие најнемилосрдниот факт: прворангираните на тендерот понудиле најниска цена, и за 2-3 пати пониска.

    Се работи за трошење мои пари и јас како даночен обврзник сакам тие пари да се трошат рационално. Ако треба да бирам меѓу развојот на домашната ИТ индустрија (претставена со неколку веќе дебело нафатирани компании) и заштедата од милиони евра, јас го бирам второто.

    Секоја чест на Владата, ова е ми се чини ПРВ пат на ИТ тендер да добие вистински најдобриот понудувач. Од ова подобро што можат да направат е да ги проверат документациите за сите изминати тендери и да видат кој, зошто и како ги добивал.

  9. 9 Новица

    Хах, тешка работа. Не знам зошто луѓето од бизнис заедницата веднаш глумат обесправени лутковци кога некој ќе им каже дека нивните реакции се за да си го заштитат пазарот/профитот.

    Мислам, еј, трговски друштва сте. По дефиниција многу малку други работи освен профит треба да ве интересираат. Реакцијата е за вашиот профит. Не го кријте тоа. ОК е. Дали профитот што ќе го ќарите ќе има некакви корисни екстерни ефекти е друго (споредно) прашање, кое можеби би имало важност доколку изведете докази дека и претходно сте правеле добро за општеството сфатено во поширок контекст.

    Во секој друг случај kudos за Владата што купува хардвер директно од (или најблизу што може до) производителите. И пазарот на лубеници исто функционира. Тоа што во Буњаковец е 10 ден. за kg во Струмица е 2-3 ден. за kg. Ако купуваш многу, купуваш во Струмица. :)

  10. 10 Ванчо

    Очигледно е дека не знаете за колкави „евтини“ цифри станува збор. Да ви дадам малку перспектива:
    Според одлуката на Владата (и според, претпоставувам, research-от што го направиле тие), сите компјутери не требало да чинат повеќе од 20 мил. евра.
    „Најевтиниот од евтините“ понудувачи даде понуда од 28 мил евра. Значи, буџетот на набавката е пробиен за цели 8 мил. евра.
    Сите лубеници заедно што ќе се извезат годинава не се повеќе од 1 мил. евра – бруто (значи не заработка, туку вкупен извоз, заработката за производителите е најмногу 5% од тоа). Сите јагниња заедно – пак во бруто – годинава се 30 мил.евра.

    Буџетот за набавка на масло и дрва за греење на сите училишта во Македонија е 10-11 мил. евра. Лани, децата се смрзнуваа во некои училишта, затоа што Владата „немала пари во буџетот (државниот)“.

    Но, во потег сосема спротивен со Законот за јавни набавки, Владата решава да го прошири државниот буџет за оваа набавка. Значи, не да го намали бројот на компјутерите кои се набавуваат (бидејќи, кога се нема пари, и тоа би свршило работа), туку да го прошири буџетот. Парите во државниот буџет доаѓаат од вас (и мене), како даночни обврзници.

    Значи не е проблемот од кој се купуваат компјутерите, туку како (противзаконски и против здравиот памет) се купуваат.

    Ако сте го анализирале тендерот – а не сте го анализирале (значи само лупате од памет) – ќе видите дека во него нема предвидени пари за инфраструктура: мрежно поврзување, напојување, па дури и маси и столчиња. Да потсетам, требаат 100.000 утикачи, 100.000 столчиња, 100.000 маси. И да не прокиснува покривот во училницата.
    Натаму, нема буџет за обука на наставниците. Кој ќе ги обучува децата?
    Натаму, нема буџет за гарантно одржување on-site (има само за во сервис – што значи дека учителот од Свирипичино-Гевгелиско ќе мора да дојде во Скопје за да ја замени расипаната тастатура).
    Натаму, нема буџет за пост-гарантно одржување. Никаков. Што значи дека по истекот на гарантниот рок од 3 години, компјутерите полека ќе „одумрат“, иако технолошкиот рок им е 4-5 години.

    Точно е, се работи за пари – но за вашите и моите пари, како даночни обврзници. И не се осмелувајте да не осудувате како бездушни капиталисти, бидејќи тоа не сме. Gordon Geckko е холивудска приказна. Тоа што го гледате по американски филмови е фикција, или во најлош случај издестилирана стварност.
    Имам син кој учи во основно училиште, цел живот плаќам данок, цел живот давам донации.
    И нема сега некој смрден политичар да ми ги земе парите од данокот и да ги потроши заради своите политички пропагандистички цели. Бидејќи, очигледно дека не разбирате, овој Тендер е жртва на популистичката политика на оваа Влада (не дека претходните немале свои жртви.
    Тие само сакаат уште една рецка на рачката од пиштолот. Потоа ќе потрошат уште милион наши евра за да се изрекламираат што се’ направиле.

    Впрочем, за да не се повторувам, прочитајте тука: http://instantekspert.blogspot.com/2007/04/blog-post_1426.html


View Igor Stamatovski's profile on LinkedIn

Што твитам

    Што читам